Екипата на Барселона очигледно подготвува голема реконструкција летово бидејќи денеска од клубот си заминаа уште двајца кошаркари.
Членови на каталонскиот тим повеќе не се Николас Лапровитола и Јусуфа Фал, а заедно со петтемина кои си заминаа пред три дена, вкупниот број на кошаркари кои ја напуштија Барса достигна седум. Лапровитола си оди по пет сезони поминати во клубот за кој одигра 307 натпревари, а последните три години беше и капитен. Во неодамна завршената сезона просечно постигнуваше по осум поени и индекс 7,2.
Фал дојде во 2024 година од Асвел, но и покрај своите физички карактеристики и височината од 221 сантиметар, не го даде очекуваниот придонес. Последната сезона просечно постигнуваше по 2,9 поени и 2,2 скока.
Покрај играчкиот егзодус, Барселона летово ќе има и нов тренер бидејќи Чави Пасквал исто така си заминува.


