Пелистер вечерва му гостува на МЗТ Скопје во првиот меч од полуфиналето на плејофот и, ако се суди според формата, ќе има што да каже на овој натпревар.
Битолскиот тим е единствен кој оствари максимални пет победи во лигашкиот дел од плејофот, а во таа серија влезе и минатонеделниот триумф против МЗТ Скопје во „Јане Сандански“ каде ќе се игра и вечерашниот натпревар. Може да се извлече заклучок дека тренерот Боро Даскаловски, инаку редовен професор по Кошарка на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, добро ја темпирал формата.
Пелистер во текот на сезоната имаше големи падови во играта што можеби беше резултат на настапот во ФИБА Европа купот, но во финишот од сезоната тоа се менува. Поранешниот вицешампион доживеа три порази пред почетокот на плејфот, но тогаш се знаеше дека во секој случај ќе го освои третото место, па и притисокот беше помал.
Сепак, вечерашниот натпревар ќе биде различен од сите останати. Кошаркарите на МЗТ Скопје знаат како се победува на вакви дуели и на Пелистер сигурно ќе му треба малку повеќе труд за да го повтори минатонеделниот успех.


