Македонската кошаркарска репрезентација утринава замина за Луксембург каде в недела ќе го одигра последниот натпревар од првата претквалификациска фаза за Европското првенство.
Во однос на вчерашниот меч против Ирска има една промена и тоа на местото на натурализираниот кошаркар. Во екипата нема да биде Ди Џеј Стјуарт, а на пат замина играчот на Олимпија Милано, Нејт Сестина. За него тоа ќе биде официјално деби во дресот на македонската репрезентација.
Против Луксембург нема да игра ниту Андреј Јакимовски кој треба да замине за Наполи со кого потпиша минатата недела. Освен него, на пат не замина ни Марко Луканоски кој остана во Скопје да ги финишира подготовките со У20 репрезентацијата која идната недела патува за Братислава, на Европското првенство Б-дивизија.


