Иако минатиот месец беше објавен списокот на учесници во АБА 2 лигата за претстојната сезона, неделава дојде до неочекуван развој на настаните.
Поради финансиски проблеми, својот настап во регионалното натпреварување го откажа тимот на Теодо од Тиват, па АБА беше принудена брзо да реагира за да го пополни празното место. Тоа му припадна на друг црногорски тим – Приморје од Херцег Нови кој првпат во својата историја ќе игра во АБА 2 лигата. Со тоа Црна Гора останува со четири екипи во оваа лига бидејќи покрај Приморје, таму се уште Морнар, Сутјеска и Подгорица.
Оваа промена не ги допира македонските претставници ТФТ и МЗТ Скопје бидејќи при ждрепката тие не го добија Теодо за противник, па листата на нивните ривали во лигашкиот дел останува непроменета.


