Еден од најмладите тренери во Првата македонска кошаркарска лига, Александар Јованчев е вклучен во работата на сениорската репрезентација, како замена за Никола Василев.
Тренерот на Вардар ќе му помага на Александар Јончевски, покрај Никола Велев и заедно ќе се обидат да ја најдат победничката формула во дуелите со Литванија. Јованчев првпат ќе биде во сениорската репрезентација, по неколкугодишното искуство со македонските младински селекции.
Василев не е во националниот тим за натпреварите против Литванија поради тоа што од минатата недела има нов ангажман и е тренер на полскиот прволигаш Арка. Неговото искуство добро ќе ни дојдеше во овој момент бидејќи дел од својата кариера помина токму во литванското првенство каде минатата сезона го водеше тимот на Мажеикиаи.


