Кадетската репрезентација на Македонија го доживеа првиот пораз на Б-Европското првенство откако попладнево загуби од Исланд со 75-87.
Победата на Исланѓаните е апсолутно заслужена и покрај тоа што нашиот тим долго време беше во игра и имаше свои шанси да дојде до пресврт и триумф. Од почетните 5-0, па 11-5 и 18-8 во осмата минута, селекцијата на Исланд постојано го контролираше темпото и резултатот.
Во вториот период Исланд водеше и со 30-17, пред се благодарение на одличниот скок во нападот и големиот број офанзивни скокови. Македонската репрезентација имаше проблеми со шутот од дистанца, ги промаши првите девет обиди за тројка, а првпат погоди Дион Шабани, пред крајот на првото полувреме.
Нашата шанса ја пропуштивме во третиот период кога неколку пати се доближивме на еден посед негатива, но во клучните моменти или промашувавме слободни фрлања или несфатливо ги губевме топките. И Исланѓаните долго време се мачеа со шутот за тројка, имаа 6/30, но кога најмногу требаше, погодија и го вратија ударот. Конечниот резултат секако не е реален одраз на она што се случуваше на теренот, но во еден период предноста на противникот изнесуваше и 19 разлика.
Повторно Дион Шабани и Александар Зунзуровски беа лидери во нашата репрезентација, првиот со 26, а вториот со 22 поена. Утре Македонија ја очекува уште потешка задача, против можеби првиот фаворит за титулата Хрватска.


