По седумте порази во низа, од кои дел несреќни, екипата на Тофаш вчера го оствари првиот гостински триумф во турското првенство оваа сезона.
Жртва на тимот од Бурса, на чија клупа е македонскиот стручњак Емил Рајковиќ беше Петким кого Тофаш го совлада со 82-76. Клучен беше периодот во финишот од третата четвртина кога гостите направија серија од 13-2 и се оддалечија на 13 поени предност (65-52) за нешто подоцна да ги достигнат и највисоките +14.
Тофаш претходно имаше шанса да го „скрши мразот“ на најмалку уште четири натпревари на гостински терен, кај Мерсин од кого загуби со четири разлика, Меркезефенди против кого водеше со 72-71 пред домаќинот да го заврши мечот со серија од 7-0, Бешикташ од кого прими кош во последните секунди и Каршијака кај која водеше безмалку цел натпревар, а загуби по продолжение.
Интересно е тоа што претходно Тофаш имаше една гостинска победа, остварена во Лигата на шампионите против Трапани кој тогаш уште беше во добра кондиција и комплетен состав.


