Македонскиот плејмејкер Ненад Димитријевиќ од денеска е член на Баерн со кого потпиша до крајот на сезонава.
Нашиот кошаркар му се приклучува на новиот клуб и најверојатно ќе дебитира в среда на дуелот против Басконија во Евролигата. По потпишувањето, Димитријевиќ ја даде првата изјава за официјалната интернет страница на клубот.
„Баерн Минхен е одлична и многу почитувана организација, а кога тренерот Светислав Пешиќ ќе ве повика, тоа е чест и привилегија. Навистина сакав да се вратам во Евролигата и сакам да помогнам да се добијат што е можно повеќе натпревари веднаш. Тимот сака да ја освои титулата во домапното првенство и Купот и да се бори за место во плејофот во Евролигата до последниот натпревар. Ќе ја вложам целата моја енергија и борбен дух за да имаме шанса да победиме во секој натпревар“, рече Димитријевиќ.
Баерн се наоѓа на 18. место на табелата во Евролигата со шест победи на 19 натпревари, но е голем фаворит за титулата во германското првенство каде има убедлива предност пред ривалите.


