Финалната серија од македонското кошаркарско првенство меѓу МЗТ Скопје и Маџари продолжува вечерва, со третиот дуел, прв на теренот на предизвикувачот.
Актуелниот шампион води со 2-0 и денеска ќе ја има првата меч-топка, за 13. шампионска титула во историјата, седма во низа. МЗТ Скопје има само два пораза во финалните серии последните седум години, а сезонава славеше на сите пет пресметки со Маџари од кои три во лигашкиот дел и две во финалната серија.
Маџари веќе оствари историски резултат со пласманот во големото финале во својата дебитантска сезона во елитата. Сепак, денеска ќе се обиде да го одложи славјето на фаоритот, а со тоа и да остане во игра за нова голема сензација во својата и во историјата на македонската кошарка. Иако губи со 0-2, на претходните два меча пружи голем отпор и загуби со пет, односно седум поени разлика со тоа што беше во игра до последните минути од натпреварите.
Вечерашниот натпревар се игра од 19 часот во салата во Основното училиште „Наум Наумоски Борче“ во Маџари.


