По само две кола, Првата А женска кошаркарска лига останува со една екипа помалку откако Куманово Гризли е исклучен од натамошното натпреварување.
Причина за тоа се двата службено загубени натпревари од кои првиот беше во воведното коло од МЗТ Скопје, а вториот, минатиот викенд од Вардар. Мечот што требаше да се игра во неделата не е одржан бидејќи домаќинот и организатор Куманово Гризли од непознати и неоправдани причини не се појавил во салата „Перо Наков“ иако таму биле присутни гостинските кошаркарки и службените лица. По чекање од 15 минути, „вардарки“ си заминале, а натпреварот е регистриран со службен резултат 0-20.
Куманово Гризли идната сезона нема да може да настапува во истата конкуренција, а поради дисквалификацијата на овој клуб, службените победи на МЗТ Скопје и Вардар не се земаат предвид, односно се бришат. Кумановскиот клуб, покрај суспензијата, ќе треба да плати и 30 илјади денари.


