Актуелниот вицешампион на Македонија, Пелистер е првиот тим што ја проби границата од 100 поени оваа сезона во Првата македонска кошаркарска лига.
На дуелот против Феникс на домашен терен, битолчани славеа со 110-93 за петта победа во шестото коло од националниот шампионат. Така ја продолжи потерата по ТФТ зад кого заостанува еден бод со тоа што скопската екипа в понеделник го игра својот натпревар од шестото коло.
И покрај тоа што доживеа убедлив пораз, Феникс не беше така инфериорен, особено во првото полувреме. Израмнето беше 17 минути во кои некогашниот финалист во Купот на Македонија неколку пати имаше и водство, но се се смени пред крајот на полувремето. По 42-41, Пелистер направи серија од 11-0 и на голем одмор замина со високи 13 поени предност што имаше голема улога во натамошниот тек на натпреварот.
Феникс во третиот период направи серија од 12-0 и се доближи на само два поена негатива (63-65), подоцна и израмни на 67-67. Гостите беа со шанса за триумф до средината на последниот квартал, а потоа Пелистер ги реши сите дилеми околу победникот со серијата од 14-0 со која дојде до предност од 102-80, подоцна и до највисоки +24 (108-84).
Мишковиќ беше убедливо најдобар играч на натпреварот и имаше едно од најдобрите индивидуални изданија оваа сезона во Првата лига, постигнувајќи 30 поени, 13 скока и 7 асистенции за индекс 41. Андре Митревски беше најефикасен во тимот на Феникс со 18 поени.


