Првата сезона на Суперкупот на Евролигата би можела да започне со голем пресврт, бидејќи наместо одржување на историскиот прв турнир, во следните денови би можело да биде објавено негово откажување.
Новото натпреварување е планирано да се одржи на 18 и 19 септември во Абу Даби, а требаше да учествуваат Олимпијакос, Фенербахче, Реал Мадрид и Дубаи.
Сепак, сериозен проблем се појавил по безбедносната проценка на американската влада, која патувањето во Обединетите Арапски Емирати го означила со „Код 3“. Тоа значи препорака граѓаните да избегнуваат патување поради зголемен ризик. Ситуацијата особено ги загрижила американските кошаркари во составите на Олимпијакос, Фенербахче и Реал Мадрид. Токму поради тоа се појавиле сериозни сомнежи околу реализацијата на турнирот.
Одлуката за откажување би можела да биде донесена и официјално објавена во следните 48 часа.
Интересно е што пред само неколку дена Евролигата официјално порача дека турнирот останува во планираниот термин. Организацијата тогаш истакна дека е посветена на одржувањето на новото натпреварување и на обезбедувањето најдобро можно искуство за клубовите, играчите и навивачите.
Доколку дојде до откажување, тоа ќе биде сериозен удар за новиот проект на Евролигата, кој требаше да го означи почетокот на нова традиција во европската кошарка.


