Како што беше најавено во петокот, македонските кошаркарски прволигаши денеска одржаа состанок со една единствена тема – државните субвенции во спортот.
Минатата недела Кошаркарската федерација на Македонија на клубовите им ги предаде обрасците за аплицирање и рок од 15 дена тие да биде пополнети и вратени по што треба да бидат испратени до Министерството за спорт. На клубовите не им се чека толку бидејќи целата процедура може да се пролонгира и до крајот на ноември, па на денешниот состанок се договорија да ја забрзаат постапката.
„Заземавме едногласен став, согласно насоките на министерот за спорт да бидеме одговорни и да направиме напор, заклучно со среда, сите прволигаши да ги пополнат обрасците за користење средства од субвенциите со цел што побрзо да дојде до реализација на истите поради крајно алармантната ситуација во која се наоѓаме. Најважно е тоа што клубовите се едногласни и конструктивни бидејќи едноставно сме втурнати в ќош и егзистенцијално загрозени, а целата ситуација се одолговлегува до недоглед.
Во духот на кошарката и спортот, уште еднаш сме согласни да продолжиме со натпреуварите иако функционирањето ни е крајно отежнато. Ако и покрај сите ветувања и објаснувања, по аплицирањето не дојде до исплата на средствата во деновите што следат, идната недела ќе свикаме прес-конференција на која ќе образложиме зошто би биле принудени можеби и да запреме со натпреварувањето“, изјави за КОШ.МК претставник на прволигашите.
Во гостување на една скопска телевизија, министерот Борко Ристовски изјави дека исплатата на субвенциите може да се реализира 2-3 работни дена по поднесувањето на комплетиранта документација на клубовите. Тоа значи дека ако кошаркарските субјекти аплицираат до среда, би можеле на почетокот на идната недела да сметаат на средствата од субвенциите за спорт.


