Здружението на прволигаши денеска одржа состанок на кој главна тема беше проблемот со „ваучерите“ кои уште не се исплатени што прави проблеми во функционирањето на клубовите.
Иако претходната недела имаше разговори за можно одложување на почетокот на првенството, во координација со раководството на Кошаркарската федерација е договорено, сепак шампионатот да стартува претстојниот викенд. Челниците на Федерацијата се согласија да биде пролонгиран периодот за измирување на долговите и дадоа толеранција од околу еден месец, во надеж дека дотогаш ќе бидат надминати, односно решени проблемите.
Клубовите се договорија да ги одиграат првите три кола, без разлика што ќе се случи со финансиската помош од државата, а потоа да одлучат што ќе прават понатаму. Последните информации се дека може да се очекува исплата на „ваучерите“ до 15-20 октомври што е период кој можат да го толерираат и клубовите и Федерацијата.
Евентуално пречекорување на тој период речиси сигурно ќе го зголеми револтот и не е исклучено да има пауза во првенството. Дотогаш треба да почнат и Првата женска, Вторите и младинските лиги и учесниците во овие натпреварувања ќе треба да го кажат своето мислење на оваа тема.


