Штип за првпат ќе биде домаќин на официјален натпревар на една македонска кошаркарска репрезентација.
Историскиот момент ќе се случи на 14 ноември, кога женската сениорска селекција на Македонија ќе ја пречека Естонија во рамките на претквалификациите за Евробаскетот во 2029 година.
Дуелот ќе се игра во спортскиот центар „Џексон“ во Штип, со почеток во 17 часот. За штипската публика ова ќе биде можност за првпат во живо да следи официјален натпревар на македонска кошаркарска репрезентација.
Изборот на Штип за домаќин на овој дуел претставува значаен момент и за градот и за македонската кошарка. Досега ниту една македонска национална селекција не одиграла официјален натпревар во овој град, па женскиот тим ќе го испише првото поглавје од една нова репрезентативна приказна. Кошаркарската федерација на Македонија направи вистински избор бидејќи Штип е познат како спортски град, а сега има и репрезентативен спортски објект кој може да одговори на обврските за еден меѓународен натпревар.
Македонија ќе настапува во групата Ц, заедно со Романија и Естонија. Првиот натпревар во новиот циклус ќе го одигра на 11 ноември, на гостински терен против Романија во Букурешт, а три дена подоцна следува историскиот домашен дуел со Естонките. Ова ќе биде и сериозен предизвик за селекторот Виктор Петровски, кој неодамна ја презеде женската сениорска репрезентација. Пред него е задачата да изгради конкурентен тим и да ја предводи Македонија низ претквалификациите за континенталниот шампионат во 2029 година.
Интересно е што Македонија и Естонија досега имаат одиграно и официјален меѓусебен дуел во женска конкуренција. Станува збор за натпревар од 19 мај 1999 година, кога Естонките славеа со 61-51. Повеќе од 27 години подоцна, двете селекции повторно ќе се сретнат во официјален натпревар, овојпат на македонско тло, а Штип ќе има привилегија да биде домаќин.


