Екипата на Крива Паланка со максимален ефект од две победи го заврши првиот турнир во дебитантската сезона од ВАБА 2 лигата.
Откако вчера ја победи Подгорица, нашиот тим денеска славеше и против босанскиот Бановиќи со 76-69. Слично како на првиот натпревар, одлучи фантастичниот почеток и водството од 29-14 кое Крива Паланка го направи во воведната четвртина.
Во продолжение предноста на македонскиот вицешампион се искачи и до 20 разлика, а победата во ниеден момент не беше доведена во прашање. Бановиќи се закани во последниот период, на нешто помалку од три минути пред крајот се доближи на 69-74, но потоа не успеа да постигне ниеден поен и Крива Паланка мирно го заврши натпреварот.
Извонредно одигра американската интернационалка Алексис Пул која постигна 26 поени, 17 скока и 6 асистенции за индекс 42, убедливо највисок на мечот. Кај Крива Паланка се истакнаа уште Грин со 19, Нијхуес со 12 и Алексовска со 11 поени. Вториот турнир од ВАБА 2 лигата за Крива Паланка е во октомври во Славонски Брод.


