Здружението на кошаркарски тренери на Македонија в петок ќе го реализира задолжителниот тренерски семинар кој е увертира во секоја нова сезона.
На ден пред почетокот на Првата лига-мажи, во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје, тренерскиот кадар во нашата земја ќе има можност за дополнителна едукација. Во улога на предавачи ќе бидат најдобриот македонски стручњак во моментов Емил Рајковиќ, до неодамна тренер на ЦСКА Москва и поранешниот селектор на македонската репрезентација Александар Ѓикиќ. Двајцата работеа заедно во националниот тим во квалификациите за Европското првенство во 2015 година.
Покрај нив, ќе учествуваат Дејан Чикиќ од Словенија и Филип Михајловиќ, кондициски тренер од Србија. Семинарот е задолжителен за сите регистрирани тренери во Македонија кои со своето присуство добиваат лиценца за работа за претстојната сезона.


