Неочекуваната одлука на раководството на ЦСКА да ја прекине соработката непосредно пред почетокот на плејофот, нема да ги избрише резултатите кои Емил Рајковиќ ги оствари во двете сезони во тимот од Москва.
Македонскиот стручњак постави низа рекорди и тоа со тим кој е далеку од оние што ЦСКА ги имаше во минатото, а што се должи на фактот што осумкратниот европски шампион не настапуваше во Евролигата. Без разлика на разделбата пред истекот на договорот, Рајковиќ има само зборови за благодарност кон клубот што е само сон за сите македонски стручњаци во моментов.
„Би сакал да им се заблагодарам на клубот и на претседателот Андреј Ватутин за конструктивната соработка, довербата и за можноста да водам еден од најславните клубови во историјата на европската кошарка. Во овие две сезони имавме многу победи и многу прекрасни моменти кои засекогаш ќе останат запишани во моето сеќавање.
Му благодарам и на мојот стручен штаб, играчите, како и на навивачите кои не поддржуваа на секој натпревар. Искрено се надевам дека тренерската смена ќе предизвика искра и заедно со враќањето на Каспер Вер, тимот ќе ја оствари целта и ќе ја освои шампионската титула“, изјави Рајковиќ.
ЦСКА го заврши основниот дел од сезоната на третото место во ВТБ лигата со биланс од 25 победи и 11 порази.


