Поранешниот шампион на Македонија, Работнички со шест порази на исто толку натпревари се прости од настапите во АБА 2 лигата за оваа сезона.
Мала утеха за „црвено-белите“ е тоа што вечерва беа најблиску до триумф и тоа против првиот фаворит за титулата во регионалното натпреварување Војводина. На крајот, тимот од Нови Сад славеше со 74-70, но дури по продолжение откако претходно Работнички го извади и последниот атом од силите за да ги израдува своите навивачи.
Македонскиот претставник не се предаде ни во почетната фаза од мечот кога губеше со 11-25, ни во последната четвртина кога беше 51-60. Напротив, во првиот случај направи серија од 11-0, а во вториот од 10-0 за водство од 61-60 на три минути пред крајот. Војводина потоа постигна четири поени по ред, но преку Робев и Полутак, домашниот тим се избори за продолжение. Во дополнителните пет минути Војводина брзо направи предност од пет разлика и успеа, сепак, да дојде до победата.
Полутак беше најдобар играч на Работнички со 26 поени и 10 скока, но добра шутерска вечер имаше капитенот Виктор Ефремовски кој заврши со 21 поен, вклучувајќи шест тројки. Во втората четвртина тој имаше свое шоу во кое погоди три тројки по ред.


