Еден од најголемите таленти во македонската кошарка Андреј Шошкиќ денеска го продолжи договорот со Работнички.
Со тоа, клубот од Градски парк потврди дека иднината ќе ја гради врз 19-годишниот плејмејкер кој веќе има долг стаж во првиот тим. Продолжението на договорот доаѓа во период кога Шошкиќ е на подготовки со У20 репрезентацијата која ја очекува настап на Европското првенство во Полска. За младиот кошаркар беа заинтересирани уште неколку македонски прволигаши, но тој одлучи да остане во Работнички.
„Додека срцето ми чука, јас ќе бидам тука и ќе навивам за Работнички“, изјави Шошкиќ по продолжувањето на договорот.
Работнички веќе остана без двајца плејмејкери ова лето бидејќи на Трајс му истече договорот, а Стајиќ вчера поднесе барање за раскин на соработката со клубот. Со договорот со Шошкиќ, кој практично е ревидиран и со подобри финансиски услови за кошаркарот, Работнички официјално почнува со составување на екипата за новата сезона.


