Екипата на Работнички утре го игра претпоследниот натпревар од оваа сезона во АБА 2 лигата и ќе гостува кај црногорскиот претставник Сутјеска.
Тренерот Горан Самарџиев се соочи со големи проблеми пред овој меч бидејќи тимот ќе биде драстично ослабен. Во Никшиќ не отпатуваа Стојан Ѓуроски и Имран Полутак, двајцата од различни причини.

Македонскиот репрезентативец има воспаление на тетивата поради што не играше ни вчера против Пелистер, додека Босанецот не добил транзит виза за Косово и не бил во можност да патува заедно со остатокот од екипата. Ако е нешто позитивно од тоа, со оглед на фактот што Работнички нема никаков резултатски императив против Сутјеска, е што двајцата кошаркари ќе имаат можност да се одморат и подготвени да го дочекаат тешкото гостување во следното коло од првата лига, против МКК Куманово. Работнички денеска пристигна во Црна Гора и вечерва тренираше во салата каде што утре ќе се сретне со Сутјеска.
Утрешниот меч во Никшиќ се игра од 20 часот, а мечот е од огромно значење за Сутјеска која со Босна и Војводина се бори за едно од првите две места на табелата во групата Б.


