И шести пат во низа, Работнички излезе како победник на натпревар од домашното првенство. Поранешниот шампион на Македонија е без пораз од 2 декември кога во Кале загуби од Феникс, а со денешниот триумф го зголеми притисокот врз водечкиот тандем на табелата Еуро Никел и МЗТ Скопје.
Тимот од Градски парк го победи Вардар со 101-58, а за малку не го собори тимскиот рекорд за оваа сезона, од првиот дуел против „црвено-црните“ кога славеше со 51 поен разлика. Сите играчи на домашниот тим добија минутажа и сите се запишаа во листата на стрелците.

Работнички почна со 12-0, подоцна водеше со 21-4, а на крајот од првата четвртина и со 28-9. Доминацијата продолжи и во вториот квартал, брзо беше пробиена границата од 20 разлика, па на голем одмор се замина со 55-27 за домашниот тим. Највисоката предност на Работнички изнесуваше 49 поени (98-49), но сепак не успеа да го надмине рекордот од првиот меч против Вардар кога славеше со 51 разлика.
Трајс со 18 поени и без промашување од игра (6/6 за два, 2/2 за три) беше најефикасен кај Работнички, Џелетовиќ заврши со дабл-дабл од 13 поени и 10 скока, а уште петмина играчи имаа двоцифрен ефект. Бајрам со 12 поени го предводеше Вардар кој го претрпе десеттиот пораз во низа.


