МЗТ Скопје ќе остане најтрофеен играч во Купот на Македонија бидејќи денеска обезбеди пласман во финалето од ова натпреварување, преку својот најголем ривал Работнички.
Аеродромци славеа со 81-76 и утре ќе го бранат трофејот во Купот на Македонија. Утре против Еуро Никел или Пелистер ќе се бори за 12. пехар, а ќе имаат можност да станат прв тим што ја одбранил титулата по пауза од една деценија.
МЗТ Скопје постојано беше во водство, но кога и да направеше повисока предност, Работнички ја стигнуваше. Се се вртеше околу Војдан Стојановски, кога и да излезеше од игра за да одмори, Работнички го користеше тоа за да се врати во игра.
„Сино-белите“ отворија со 7-0, но Работнички брзо ја надмина почетната криза и не само што ја стигна негативата, туку и поведе со 19-18. На крајот од првата четвртина беше 26-24 за МЗТ, но големата битка продолжи до полувреме. МЗТ го диктираше темпото, а Работнички постојано му беше зад петиците.
Се чинеше дека отпорот на Работнички е скршен кон средината на третиот период кога МЗТ поведе со 55-43. И повторно од игра излезе Војдан и тимот од Градски парк се доближи на 55-56. Симптоматично беше тоа што оттогаш до крајот Работнички имаше повеќе шанси да израмни или да премине во водство, но не искористи ниедна. Последната од нив ја пропушти Џелетовиќ на 50 секунди пред крајот кога, при резултат 77-75 имаше две слободни фрлања, но погоди само едно.Во следниот напад погоди Дамјан Стојановски за 79-76, Ѓуроски не успеа да реализира тројка и шансите отидоа во неврат.
Убедливо најдобар играч на натпреварот беше Војдан Стојановски кој постигна 18 поени, 8 асистенции, 6 украдени топки и 4 скока за индекс 30. Танасковиќ оствари дабл дабл со 18 поени и 11 скока, а Дамјан Стојановски и Ворку реализираа по 12. Кај Работнички, Трајс постигна 20 поени, а Декоузи имаше дабл дабл со 19 поени и 11 скока.


