Иако го победи Чаир со 23 разлика, екипата на Работнички вечерва го одигра својот најдобар меч оваа сезона, сметајќи ги сите натпреварувања во кои учествува.
На домашен терен, најтрофејниот тим во земјава го совлада видешампионот Пелистер со 84-70 и го задржа чекорот со водечкиот тандем на табелата. За разлика од дуелот со Чаир кога се мачеше цела прва четвртина, Работнички вечерва речиси постојано беше во водство и покажа карактер дури и во најтешките моменти.
Пелистер водеше единствено во воведната четвртина и највисоката предност изнесуваше три разлика (15-12). Работнички одговори со серија од 10-0 по што ја задржа предноста и на полувреме замина со солидни 43-34. Единствена светла точка на битолскиот тим во првите 20 минути беше Бобан Стајиќ кој погоди четири тројки и долг период сам ја држеше екипата во конкуренција за триумф.
На стартот на второто полувреме Работнички првпат направи двоцифрена разлика (48-36), но далеку од тоа дека тука беше решен победникот. Пелистер направи 13-2 и на средина од третиот период се доближи на 49-50. До израмнување, сепак, не дојде, а Работнички до крајот на четвртината повторно отиде на солидна позитива (62-55). Нешто слично беше и во последниот квартал, домаќините поведоа со 65-55, но Пелистер потоа ја искористи предноста под кошевите за да се доближи на само три поени негатива (66-69) на средина од последниот период. Во клучните моменти на сцена стапија Полутак и Хот кои постигнаа неколку важни кошеви, а точка стави капитенот Ефремовски со тројка на три минути пред крајот за водство од 78-67.
Полутак беше убедливо најдобар играч на мечот со 28 поени и 14 скока, но се истакна и Амар Хот со 14 поени и 12 скока. Добар настап имаше и дебитантот во екипата на Работнички, Немања Капетановиќ кој покажа дека може да биде големо засилување за тимот. Кај Пелистер најефикасен беше Стајиќ со 29 поени, Мишковиќ постигна 16 поени и 11 скока, но причините з поразот битолчани треба да ги бараат во загубените топки бидејќи имаа 15, седум повеќе од противникот.


