Поради обврските на МЗТ Скопје во АБА 2 лигата, викендов во рамките на полуфиналето од домашниот плејоф ќе се одигра само еден меч.
Во него Работнички ќе го дочека актуелниот вицешампион Пелистер, во надеж дека може да со победа да ја отвори серијата, а потоа и да стигне до своето ппрв финале по 2019 година. Скопскиот тим ќе ја има предноста на домашен терен, а со тоа и можноста да ја оствари својата главна цел за оваа сезона.
Работнички е во серија од 15 победи во домашното првенство, последниот пораз го претрпе од Феникс во декември 2023, а оттогаш загуби само еден меч – од МЗТ Скопје во полуфиналето од Купот на Македонија. Тоа е убедливо најдолга серија во шампионатот не само во моментов, туку воопшто оваа сезона во која Работнички два пати го совлада Пелистер. Битолчани, пак, испуштија голема можност веќе да се закитат со првиот трофеј во клупската историја затоа што несреќно го загубија финалето од Купот, од МЗТ Скопје, но и покрај тоа што беа третопласирани на крајот од основниот дел, никој не смее да ги отпише во борбата за титулата.
Првиот полуфинален меч од серијата меѓу Работнички и Пелистер се игра од 18 часот во Кале, а најавено е присуство и на гостинските навивачи.