Најтрофејниот македонски клуб Работнички има можност по пауза од три години повторно да заигра во АБА 2 лигата.
Со оглед на тоа што не успеа да стигне барем до финалето од домашниот плејоф, Работнички нема директен пласман во регионалното натпреварување каде повторно ќе не претставуваат МЗТ Скопје и Пелистер, туку ќе треба да добие специјална покана. Претстојната сезона, бројот на учесници во АБА 2 ќе се зголеми од 14 на 16, а принципот на пополнување останува ист – по две екипи од секоја држава од поранешна СФРЈ, плус четири со покани.
Најблиску до поканите се Босна, Вршац, Тиват и Работнички со тоа што за нив треба да се платат 25 илјади евра. Ако некој од овие клубови се откаже, во ред за пополнување стојат: Слобода Ужице, Слобода Тузла, Раднички Крагујевац, Шенчур, Шибенка и Херцег Нови. Тоа значи дека ако Работнички не сака или не може да плати 25 илјади евра, Македонија ќе остане со две екипи во АБА 2.
Претстојната сезона ќе има и промена во системот за натпреварување. Нема повеќе балони, туку се враќа принципот дома-гости со тоа што 16. екипи ќе бидат поделени во четири групи со по четири екипи, а првопласираните две одат во топ-8. И таму екипите ќе бидат поделени во групи со по четири по што најдобрите две ќе се пласираат во полуфиналето.


