Два од трите македонски претставници во АБА 2 денеска ги иргаат своите натпревари од третото коло во регионалното натпреварување.
Работнички во Кале го пречекува поранешниот европски шампион Босна кој оваа сезона ја почна со големи амбиции и во надеж дека ќе успее да се врати на старите патеки, по годините поминати во голема криза, па и на работ на егзистенција. Босна е еден од најславните клубови на просторите на поранешна Југославија и прв европски шампион од СФРЈ, со титулата освоена во 1979 година, а уште три пати потоа играше на Ф4 од елитното европско кошаркарско натпреварување. Во првите две кола од оваа сезона Босна оствари по една и пораз и на табелата е пред Работнички кој доживеа два убедливи порази. Покрај тоа, во текот на викендот, најтрофејниот македонски клуб беше прегазен од МЗТ Скопје и во доста лошо расположение го дочекува вечерашниот дуел кој почнува во 18 часот.
„Играме против поранешниот европски шампион Босна кој има големи амбиции во АБА 2 лигата оваа сезона. Ќе се обидеме да ги исправиме грешките од претходниот натпревар и максимално да го искористиме домашниот терен. Ќе ни треба максимално залагање и концентрација во сите 40 минути“, рече тренерот на Работнички, Горан Самарџиев.
Од 20 часот, во „Јане Сандански“ игра и шампионот МЗТ Скопје кој го пречекува словенечкиот претставник Домжале. По поразот од Цедевита Јуниор во претходното коло, аеродромци не смеат да си дозволат нов кикс ако сакаат да останат фаворити за едно од првите две места кои водат во следната фаза од АБА 2. Домжале има максимален ефект по воведните две кола.
„За противник имаме исклучително квалитетна екипа за што доказ се стартните две победи. Се подготвуваме максимално и ако одиграме на очекуваното ниво, тогаш ќе бидеме многу блиску до целта. Згора на тоа, играме на домашен терен, каде сум сигурен дека ќе имаме огромна поддршка од нашите верни навивачи кои ги повикувам да дојдат во што поголем број“, изјави тренерот на МЗТ Скопје, Васко Атанасов.
Вчера се одигра првиот натпревар од групата каде што се наоѓа МЗТ Скопје, Цедевита јуниор како гостин го совлада Теодо со 97-76.


