Екипата на Работнички го победи Чаир со 77-70 во подготвителен меч кој вечерва се одигра во Кале.
Иако дуелот требаше да биде пријателски, го одбележа цврста игра од двете страни и дури и едно исклучување. Го доби кошаркарот на Работнички, Његош Сикираш кој влезе во физички дуел со противничкиот играч Мети Тачи поради што му беше досудена втора техничка грешка и мораше да го напушти теренот. Повреда заработи и капитенот на Работнички, Виктор Ефремовски кому му беше раскрварен носот.
Од спортскиот аспект, Чаир го диктираше темпото во првото полувреме и имаше предност од седум поени разлика за Работнички да направи пресврт во вториот дел и да дојде до победата. Во еден период тимот од Градски парк имаше и двоцифрена предност.
Весли Персон со 18 поени беше најефикасен кај Работнички, Полутак додаде 13, а Шошкиќ 11. Диванте Мофит го предводеше Чаир со 17 поени, Кирк додаде 16, а Ролинс 14.


