Најтрофејните македонски клубови Работнички и МЗТ Скопје се во центарот на вниманието во третото коло од Првата кошаркарска лига.
Вечерва од 18 часот во Кале, тимот од Градски парк го пречекува актуелниот шампион во 166. меѓусебна пресметка. Работнички уште води, со 92-73, но последните години, во кои доминираат во домашната кошарка, аеродромци значително ја намалија разликата. МЗТ Скопје влегува во дербито како освојувач на тројната круна и на последните осум трофеи во домашната кошарка, сметајќи ги сите натпреварувања. Сепак, како ретко кога досега, иако станува збор за само две одиграни кола, Работнички како ко-лидер на табелата, без пораз, ќе заигра против својот најголем ривал.

Минатата недела беше тешка за МЗТ Скопје кој доживеа порази од Цедевита Јуниор во АБА 2 и Пелистер во домашното првенство, но тимот имаше една недела да се консолидира, да се одмори и да се подготви за можеби последниот тежок дуел во првиот дел од сезоната. За Работнички најголем проблем претставува играчкиот кадар затоа што товарот на претходните три натпревари ги презедоа само седум кошаркари кои најверојатно ќе мораат да го направат истото и вечерва. Двајца странци си заминаа, во меѓувреме Работнички го договори Џексон Дубински, но тој најверојатно нема да дебитира вечерва. Од тој аспект, кај МЗТ е сосема поинаква ситуацијата бидејќи Васко Атанасов има 12 кошаркари кои во секое време можат да влезат во игра и да направат разлика на теренот.

Традицијата на меѓусебните дуели е апсолутно на страната на МЗТ Скопје. На последните десет меѓусебни пресметки, Работнички оствари само една победа и тоа минатата сезона како гостин. На домашен терен, каде и да е тоа, 15-кратниот шампион не победил од 1 ноември 2020 година. Двете екипи се сретнаа и за време на подготовките за оваа сезона, на турнирот во организација на ТФТ и тогаш МЗТ Скопје дојде до убедлив триумф од 67-52.
Од останатите дуели од третото коло, за издвојување е првото чаирско прволигашко дерби меѓу екипите на Чаир и Шкупи кое се игра вечерва од 19 часот во салата „Шабан Трстена“. Интересно е што тоа ќе биде пресметка на лидерот и последнопласираниот тим на табелата во овој момент.


