По тешките две недели во кои остана без двајца странски играчи и се соочи со тешки финансиски проблеми, Работнички полека се консолидира и тоа непосредно пред големото дерби против МЗТ Скопје.
Клубот од Градски парк донесе нов играч на плејмејкерската позиција, во американскиот интернационалец Џексо Дубински кој ѝ е добро познат на македонската кошаркарска јавност. Во три наврати, тој беше играч на Еуро Никел (сегашен Тиквеш) каде и соработуваше со сегашниот тренер на Работнички, Горан Самарџиев кој одлично ги познава неговите квалитети. Дубински беше во Еуро Никел и минатата сезона, но во Работнички доаѓа од првенството на Казахстан.
Во текот на летото, тој потпиша за тамошниот прволигаш Иртис за кого во период од пет дена одигра четири натпревари, со просек од 14,8 поени, 7 скока и 6,3 асистенции што е доказ дека се наоѓа во добра форма. На бековските позиции, тој ќе им биде конкуренција на Шошкиќ, Јовичиќ, Робев и Ефремовски, но ќе придонесе за поголема должина на ростерот на Работнички.
Засега е неизвесно дали Дубински ќе биде достапен за дербито против МЗТ Скопје кое е на програмата в сабота од 18 часот во Кале. Тој уште не е пристигнат во земјава и ако игра против шампионот, тоа ќе биде најмногу со еден тренинг.


