Најтрофејниот македонски кошаркарски клуб Работнички официјално е еден од четирите кои добија специјални покани за настап во АБА 2 лигата идната сезона.
Одлуката е донесена на вчерашниот состанок на АБА, а покрај Работнички, покани добија Босна од БиХ, Теодо од Црна Гора и Вршац од Србија. Сите четири клуба, вклучувајќи го и поранешниот македонски првак треба да уплатат 25 илјади евра до 1 јули, во спротивно, поканата оди кај друг клуб имајќи предвид дека уште четири чекаа(т) на ред.
Ако нема измени или неочекувани проблеми, Работнички ќе биде во четвртиот шешир при ждрепката за новата сезона и по три години ќе се врати во АБА 2 лигата. Системот се менува и екипите учесници ќе бидат распоредени во четири групи со по четири екипи.


