Работнички ја продолжи победничката серија во Суперлигата откако направи пресврт на гостувањето во Битола и го совлада Пелистер со 91-87.
Поранешниот шампион се најде во сериозен резултатски дефицит уште на стартот, но во продолжението ја презеде иницијативата и го однесе натпреварот во своја полза.
Пелистер имаше одличен почеток и со агресивна игра брзо изгради убедлива предност. На семафорот стоеше 18-4 по само шест и пол минути што беше највисока предност за битолчани, а домашната публика имаше причина да верува дека битолчани можат да ја прекинат серијата на гостите. Работнички, сепак, не дозволи раниот удар да го одреди текот на целата средба.
Скопскиот состав постепено ја пронајде својата игра, но Пелистер на паузата сè уште беше во подобра позиција. Најголемата заслуга за водството на домаќините ја имаше Никола Кочовиќ, кој уште при првиот натпревар во дресот на битолскиот тим покажа дека ќе биде сериозно засилување. Новиот член на „зелено-белите“ имаше 19 поени во првото полувреме, а неговата ефикасност донесе резултат 41-33 по 20 минути игра.
Клучниот момент се случи по одморот, кога Работнички почна сè почесто да ги казнува грешките на противникот. Пелистер ја чуваше предноста до финишот на третата четвртина, кога гостите конечно ја анулираа разликата и во последниот период влегоа со израмнет резултат од 59-59.
Во решавачките десет минути, тимот од Скопје покажа поголема сигурност. Со серија успешни напади стигна до 70-64, а потоа ја зголеми разликата на десет поени (80-70). Пелистер не се откажа и повторно внесе неизвесност, намалувајќи на 77-81, но Ефремовски одговори во вистински момент и ја задржа предноста на гостите.
Домашните продолжија да притискаат, Савиќевиќ со нови поени ја спушти разликата на само три поени, а Кочовиќ со тројка израмни на 83-83. Последните моменти донесоа борба за секоја топка, но Работнички ја задржа концентрацијата. Клучен играч на гостинскиот тим беше Роберт Рикиќ кој прво погоди за 85-83, а потоа со офанзивен скок на промашеното слободно фрлање на Реџа го однесе својот тим на +4. Тоа беше доволно за Работнички во пенал завршницата да дојде до значајна победа на тешкото гостување.
Ефремовски го заврши натпреварот со 22 поени, четири скока и две асистенции, иако погоди само една тројка од осум обиди. Елингсворт реализираше 16 поени и шест скока, Рикиќ придонесе со 15 поени и пет скока, а Говенс имаше 14 поени и девет асистенции.
Кај Пелистер, Кочовиќ го одбележа дебито со импресивни 30 поени, пет асистенции и четири скока. Вилсон додаде 20 поени, четири скока и четири асистенции, додека Денинг натпреварот го заврши со 10 поени и 11 скока.


