Најтрофејниот тим во Македонија, Работнички и на истекот од третиот месец од годината е без пораз во домашното првенство.
Вечерва, тимот од Градски парк го совлада Гостивар со 104-84 за 12. победа во низа која, сепак, нема да биде доволна за првото место на табелата по основниот дел од сезоната. Во плејофот ќе влезе од втората позиција и нема да ја има предноста на домашен терен во евентуално финале против МЗТ Скопје.
Работнички не беше во водство на овој меч само 12 секунди, толку време му требаше на Стојан Ѓуроски да го отвори резултатот со тројка, а потоа се беше во знакот на домашниот тим. Гостивар се одржуваше до средината на втората четвртина, а на полувреме се замина со +12 за составот на Самарџиев (52-40). Пред крајот на третата четвртина гостите намалија на едноцифрена негатива (69-78), но тоа не беше доволно за пресврт. До крајот Работнички рутински ја заврши својата работа и отиде на +20.
Триото Декоуси-Рикиќ-Трајс имапе најголема заслуга за победата на домашниот тим. Декоузи беше најефикасен со 28 поени, а Трајс и и Рикиќ по 20 со тоа што хрватскиот интернационалец оствари и 11 скока за индекс 32. Вилијамс и Инграм го предводеа Гостивар, првиот со 39, а вториот со 23 поени.


