На точно 40 дена од смртта, денеска во организација на Кошаркарската федерација се одржа комеморација во чест на легендарниот Лазар Лечиќ.
На присутните се обратија ќерката на Лазар Лечиќ, Мелина, потоа Драган Радосављевиќ, Зоран Гапиќ, поранешниот македонски репрезентативец Ѓорѓе Војновиќ и новинарот Зоран Михајлов. Имаше и две видео обраќања, од легендата на грчката кошарка Панајотис Јанакис и од внукот на Лазар, Андреј Апостолски Лечиќ. Сите тие, меѓу другото, раскажаа анегдоти од животот со Лечиќ кој имаше голем придонес во развојот на нивните кариери.
„Лазар Лечиќ воведе новитети во југословенската кошарка кои ги користеа Александар Николиќ и Ранко Жеравица. Тоа го направи и Работнички голем клуб. Јас не сум од Работнички, но Работнички мора да направи нешто вечно во чест на Лазар Лечиќ. Ако ништо друго, во салата на Работнички, каква е-таква е, да постави една фотелја на која ќе пишува Лазар Лечиќ за сите кои ќе дојдат тука да знаат дека таа сала ја направи тој.
Секогаш кога патував низ светот, луѓето од кошаркарскиот свет ме прашуваа каде е и што прави Лазар Лечиќ“, рече Гапиќ.
За Лечиќ со пиетет зборуваше поранешниот кошаркар на Работнички и МЗТ Скопје, Ѓорѓе Војновиќ кој од најрана возраст имал можност да сфати за каква величина се работи.
„Немав среќа Лазо да ми биде тренер, но имав среќа да ми биде учител. Уште се сеќавам, од деновите во школата на Работнички, трениравме во Градски парк, а Лазо ќе не види од галеријата горе и покрај тоа што не ни е тренер, се симнуваше долу да ни каже што треба да правиме. ‘Мали, ти со овој шут бонсек, не можеш да станеш играч’, ми велеше и не мотивираше да останеме да работиме.
На нас останува она што го велеше Лазо, да се ‘поштуеме’. Постојано тврдеше дека немаме спорт затоа што не се ‘поштуеме’. Лазо, играј кошарка горе на небото и чувај не“, рече Војновиќ.
Лазар Лечиќ почина на 13 август 2024, на 85-годишна возраст. Во кошарката беше повеќе од шест децении и остави длабока трага во Македонија, поранешна Југославија и Грција.


