Можеби на сениорскиот тим не му оди најдобро, но младинските екипи на Работнички продолжуваат да играат важна улога во македонската кошарка.
Пионерите (У14) на клубот од Градски парк денеска станаа шампиони на Македонија откако во финалето го растурија МЗТ Скопје со 80-59. Младите „центарци“ доминираа во текот на целиот натпревар, по 20 минути игра водеа со 41-31, а целата работа ја завршија во воведните четири минути од второто полувреме во кое направија 12-2 и поведоа со 53-33 кои се покажаа недостижни за противникот.
Рон Јетиши беше убедливо најдобар поединец во финалето, постигнувајќи 41 поен, а турнирот го заврши со вкупно 73 како резултат на што беше прогласен за МВП на Ф4.
Бронзениот медал го освои пионерската екипа на Феникс која беше подобра од Ролинг Струмица со 54-51.


