Поранешниот шампион на Македонија, Работнички со победа ја почна новата сезона откако попладнево славеше на гостувањето кај Струмица со 92-85.
Скопскиот тим можеше да слави поубедливо, доминираше во најголемиот дел од мечот, но доживеа несфатлив пад во последната четвртина и им дозволи на домаќините да внесат драматика во финишот. Иако се чинеше дека победникот е решен на стартот од финалниот период, прашањето за освојувачот на вториот бод се решаваше пред крајот.
Работнички фантастично го почна мечот, по воведниот дел, направи серија од 20-0 и поведе со 22-6, а на крајот од првата четвртина водеше со големи 29-10. Највисоката предност ја достигна кон средината на вториот период кога по положувањето на Елингсворт дојде до +25 (43-18). Струмица на моменти знаеше да се закани, но сигурната предност, Работнички ја задржа до втората минута од последната четвртина кога водеше со 78-58.
Тогаш почна враќањето на Струмицца која ја искористи ноншалантноста во играта на Работнички. Во следните три минути домаќините направија серија од 15-0 и се погрижија за тотална драма на теренот. Сепак, во клучните моменти одговорноста ја презедоа Рикиќ и Ефремовски, па Работнички не дозволи изненадување на стартот од новата сезона.
Токму тие двајца беа најдобри поединци во гостинскиот тим. Ефремовски постигна 29 поени со седум тројки, но Рикиќ оствари дабл дабл со 20 поени и 11 скока. Се истакна и Робев во 15 поени.Најефикасен на мечот беше кошаркарот на Струмица, Крофорд кој постигна 31 поен.


