Поранешниот шампион на Македонија, Работнички оствари голема победа во вториот пријателски меч против Војводина викендов.
Српскиот тим, кој од неодамна е филијала на евролигашот Дубаи и има амбиции да се пласира во АБА лигата, викендов престојуваше во Скопје и одигра два пријателски меча со 15-кратниот македонски првак. Откако вчера загуби со 69-87, Работнички денеска славеше со 77-72, во меч кој го одбележаа неколку резултатски пресврти.
Во средината на втората четвртина нашиот тим водеше и со 30-21, Војводина потоа го сврте резултатот во своја корист и имаше 58-53, на пет минути пред крајот беше 64-63 за гостите, но Работнички беше подобар во финишот и дојде до заслужена победа во најсилниот тест во пресрет на новата сезона.
Капитенот Виктор Ефремовски ја пренесе добрата форма од минатата сезона и постигна 24 поени со пет погодени тројки, а пријатно изненадување беше летното засилување за Работнички, Атанасиј Трајанов кој постигна 11 поени и седум скока. Двоцифрени беа уште Рикиќ со 11 и Робев со 10 поени. Интересен факт од овие два меча е тоа што тренерот на Работнички, Владимир Мирковски е поранешен шеф на стручниот штаб на Војводина, а тренерот на Војводина, Миљан Павковиќ е поранешен играч на Работнички со кого во 2015 година го освои Купот на Македонија.
До почетокот на новата сезона, Работнички има во план уште еден пријателски меч, против Тиквеш во Кавадарци во вторник.


