Кошаркарскиот клуб Работнички повторно се најде меѓу санкционираните од страна на Кошаркарската федерација на Македонија.
Скопскиот тим доби две парични казни во вкупен износ од 60.000 денари, односно приближно 1.000 евра, поради случувањата за време на натпреварот против Кожув во неделата.
Најголемиот дел од санкцијата се однесува на несоодветното однесување кон службените лица. За плукање кон нив, Работнички е казнет со 30.000 денари, а ист износ ќе мора да плати и поради фрлање тврди предмети. Двете прекршувања се санкционирани согласно дисциплинските одредби на КФМ.
На удар на дисциплинските органи се најде и Скопје, кој ќе треба да плати вкупно 40.000 денари. Повисоката казна од 30.000 денари е изречена поради неизведување на државната химна, а дополнителни 10.000 денари клубот ќе плати за пропусти во организацијата, односно необезбедување соодветни услови за непречено одржување на натпреварот.
На списокот со санкции повторно се најде и МКК Куманово. Овојпат, меѓутоа, причината не е однесувањето на навивачите, за кои делегатот имал позитивни забелешки, туку технички грешки. Кумановци се казнети со 16.000 денари.


