Кошаркарскиот клуб Работнички годинава одбележува голем јубилеј – осум децении постоење.
Централната прослава ќе се одржи на 19 и 20 септември, со пријателски натпревар против Војводина, кој треба да донесе дополнителна атракција за љубителите на кошарката во Скопје. Средбата ќе биде можност навивачите да уживаат во квалитетна кошарка, но и да бидат дел од одбележувањето на значаен момент во историјата на клубот.
„Сакавме за овој јубилеј да поканиме некој евролигаш, но тоа не беше возможно бидејќи сите клубови имаат распоред за една година однапред. Поради тоа се определивме за Војводина, исклучително амбициозен српски клуб кој сезонава има амбиции за пласман во АБА лигата“, откри новиот извршен директор на Работнички, Бранко Радевски.
Војводина од неодамна е филијала на евролигашот Дубаи и во Скопје ќе пристигне засилена со неколку нови домашни и странски кошаркари. Јубилејот ќе биде и можност да се потсетат најзначајните моменти од богатата историја на Работнички, како и луѓето кои со својата работа придонеле клубот да го задржи своето место меѓу најголемите македонски спортски брендови.


