Кошаркарскиот клуб Работнички со нова енергија и високи амбиции влегува во сезоната 2026/27 во Првата македонска кошаркарска лига. На денешната прес-конференција, клубот ги претстави новиот Управен одбор, стратешките насоки, оперативниот план и спортските цели за претстојниот натпреварувачки циклус.
Прес-конференцијата се одржа во реновираната сала „Градски парк“, во присуство на претставници на медиумите, Општина Центар, како и поранешни играчи и легенди на клубот. Со обновениот дом и новата организациска структура, Работнички најавува враќање на препознатливиот шампионски сјај и создавање стабилна основа за идни успеси.
Претседателот на Управниот одбор, Александар Стојкоски, ја претстави мисијата на новото раководство, организациската структура и долгорочните цели, со посебен акцент на развојот на младите играчи, враќањето на клубот на победничките патеки и создавањето услови за освојување нови титули.
„Работнички е клуб со традиција што обврзува. Нашата задача како нов Управен одбор е да поставиме стабилна организациска основа и јасни правила на работење, за резултатите на теренот да бидат последица на здрав систем, а не на моментална инспирација“, рече Стојкоски.
Во делот на оперативното функционирање, извршниот директор Бранко Радевски информираше за тековните процеси и подготовките за новата сезона. Тој истакна дека финансиските обврски на клубот се подмирени, што, според него, создава дополнителна стабилност за тимот и стручниот штаб во пресрет на натпреварувачкиот старт.
„Фокусот во овој период е на секојдневната оперативна дисциплина – од условите за тренирање, преку организацијата на натпреварите, до односот со навивачите и партнерите. Тоа се работите што го држат клубот стабилен низ целата сезона“, информира директорот.
Од клубот посочуваат дека благодарение на поддршката од партнерите и спонзорите, создадени се услови тимот и стручниот штаб максимално да се посветат на спортскиот дел, додека навивачите повторно ќе имаат можност да го следат Работнички во обновениот дом во „Градски парк“.
На спортски план, шефот на стручниот штаб Владимир Мирковски го претстави ростерот за новата сезона и ги сподели очекувањата од настапите во Првата македонска кошаркарска лига. Тој потврди дека составот е засилен со нови имиња, но и со играчи кои веќе имаат искуство и докажан квалитет.
„Составивме екипа која може да работи напорно и да игра препознатлива кошарка. Подготовките течат според планот, а нашата амбиција е да бидеме конкурентни во секој натпревар од лигата“, рече Мирковски за кого претстојната сезона ќе биде втора на клупата на Работнички.
Дека во тимот владее позитивна атмосфера потврди и капитенот Виктор Ефремовски, кој истакна дека играчите се свесни за тежината и значењето на дресот на Работнички.
„Атмосферата во соблекувалната е одлична и сите сме свесни што значи да се носи овој дрес. Ние играчите сме подготвени да го оправдаме тоа со залагање на теренот“, пренесува гостиварецот кој имаше фантастична сезона во Работнички, а и покрај понудите од странство, одлучи да остане и да го поведе тимот кон титулата.
Со стабилизирана организација, подмирени обврски, обновен дом, нов ростер и јасно поставени цели, КК Работнички ја пречекува сезоната 2026/27 со амбиција повторно да биде меѓу водечките екипи во македонската кошарка.


