Изјавата на Дино Раѓа за Никола Јокиќ повторно ја отвори вечната дебата – кој е најголемиот европски кошаркар на сите времиња?
Легендарниот хрватски кошаркар во интервју за ХРТ зборуваше за Јокиќ со огромен респект, но истовремено јасно стави до знаење дека српскиот центар нема место во неговата лична топ 5 листа. Раѓа не го оспорува квалитетот на Јокиќ. Напротив, за него српскиот ас е еден од најталентираните кошаркари што некогаш играле.
„Никола Јокиќ е гениј, кошарката ја гледа четири чекори однапред, совршено маскира некои свои недостатоци, но во тоа му помага и денешната кошарка, која многу повеќе го штити напаѓачот отколку порано“, вели Раѓа.
Хрватската легенда посебно го истакнува талентот на Јокиќ, сметајќи дека одредени негови способности едноставно не можат да се научат.
„Уживам да го гледам бидејќи има потег кој не може да се научи на тренинг. Со тоа е роден, генетски е и затоа е толку добар. Има нешто што го имаа Роналдињо во фудбалот или Ѓоковиќ во тенисот. Со тоа едноставно се раѓаш“, порача хрватскиот ас.
Сепак, кога станува збор за неговата лична листа на петте најдобри европски кошаркари, Раѓа останува доследен на својот став.
„Јас сум стара школа и секогаш на тоа прашање ќе го дадам истиот одговор: Здовц, Дражен, Тони, Дивац и јас“, вели Раѓа.
Но, тој веднаш признава дека ваквите споредби се крајно неблагодарни.
„Како меѓу најдобрите да не ги ставам и Јокиќ, Сабонис, Гасол, Новицки, Дончиќ…? Едноставно не е фер“, додава поранешниот центар.
Интересно е што ставот на Раѓа кон Јокиќ не бил секогаш ваков. Во 2021 година, по првата МВП награда на српскиот кошаркар, тој сметаше дека Јокиќ потенцијално може да стане најдобриот европеец во историјата.
„Мислам дека може да биде најдобриот европеец некогаш, но сè зависи од него. Ако продолжи да биде гладен за успеси, не гледам кој би можел да го запре“, изјави тогаш Раѓа.
Јокиќ во меѓувреме продолжи да испишува историја во НБА, но за Раѓа вечната дебата не може да се реши само со статистика и трофеи. Различните епохи, стилови на игра и услови во кои настапувале кошаркарите, според него, прават ваквите споредби речиси невозможни.
Токму затоа, и покрај огромниот респект кон Јокиќ, Раѓа останува верен на својата генерација – и на своите топ-5.


