Македонскиот кошаркарски стратег Дарко Радуловиќ одлично ја започна својата нова авантура во Полска.
Откако седна на клупата на Жешув, екипата почна да бележи победи, а последниот триумф над Полонија Битом од убедливи 110-91 е најдобра потврда за позитивниот тренд.
Радуловиќ го презеде тимот на 28 октомври, во момент кога Жешув се наоѓаше во сериозна резултатска криза и на последното место од табелата во полската Прва лига (втора по ранг). Сега ситуацијата е значително поинаква – македонскиот тренер успеа да ја разбуди екипата и да ја врати самодовербата кај кошаркарите.
Жешув ја забележа првата победа во сезоната на гостувањето кај Старогард Гдањски, славејќи со минимални 79-77, во натпревар кој имаше и посебна приказна, бидејќи Радуловиќ до неодамна беше тренер токму на овој противник. На тој меч не го водеше Жешув, но веќе почна со работа со тимот.
Потоа следуваше домашен триумф над Тихи со 89-80, а добрата серија беше продолжена и против Полонија Битом, која беше совладана со убедливи 110-91. Интересно е тоа што на последниот меч Радуловиќ имаше грип, но сепак собра сили да биде на клупата и да ја води екипата.
Радуловиќ е безмалку две години во полската кошарка, 20 месеци беше тренер на Старогард Гдањски, а сега ја води екипата на Жешув која по трите победи се искачи на 12. место на табелата.


