Реал Мадрид приреди вистинска офанзивна демонстрација во шпанската Лига Ендеса, совладувајќи ја Леида со убедливи 122-86.
„Кралскиот клуб“ ја продолжи победничката серија во домашното првенство, но уште поважно, постави нов рекорд со дури 24 погодени тројки на еден натпревар.
Мадриѓаните шутираа одлично од далечина, погодувајќи 24 од 45 обиди за три поени, односно со успешност од 53,3 проценти. Претходниот рекорд во шпанското првенство изнесуваше 23 тројки, а Реал сега постави нова граница во историјата на натпреварувањето. Интересно е тоа што овој рекорд доаѓа само три дена откако мадридскиот тим постигна 21 тројка во дуелот со Макаби во Евролигата.
Во центарот на вниманието беа Французите, Тимоти Луваву-Кабаро и Тео Маледон кои постигнаа по седум тројки. Луваву-Кабаро беше најефикасен на натпреварот со 31 поен, додека Маледон го заврши дуелот со 27 поени.
Токму Маледон го постигна и рекордниот, 24. погодок за три поени, во последната секунда од натпреварот, ставајќи печат на историската вечер за мадридскиот гигант. Фелиз придонесе со 15 поени во убедливиот триумф на гостински терен.
Со овој триумф, Реал Мадрид ја продолжи одличната серија и остана непоразен по првите пет кола во Лига Ендеса. „Кралевите“ имаат осум последователни победи во сите натпреварувања, а на пет од последните шест меча во сите натпреварувања ја надминаа границата од 100 поени.


