Најуспешниот македонски стручњак во историјата Емил Рајковиќ денеска официјално ги почна подготовките со Тофаш за чиј тренер беше назначен пред крајот на јуни.
Клубот од Бурса ќе биде шести странски за 47-годишниот стручњак, по полските Шлонск и Стал, казахстанската Астана и руските Автодор и ЦСКА Москва. Воедно, ова за Рајковиќ ќе биде прво искуство во турската лига која е една од најсилните во Европа и во која учествува актуелниот континентален шампион Фенербахче. Тофаш значително се засили во текот на летото, па во новата сезона ќе влезе и со повисоки амбиции, а ќе учествува и во Лигата на шампионите на ФИБА каде е во група со Тенерифе, Бнеи Херцлија и Трапани.
Веќе е направен и планот за подготовки во чии рамки Тофаш ќе одигра девет пријателски натпревари. Првиот од нив е на 26 август против нисколигашот Финалспор, а најсилниот тест ќе биде дуелот против Жалгирис во Анталија на 10 септември иако е извесно дека литванскиот тим нема да биде комплетен бидејќи добар дел од играчите ќе учествуваат на Европското првенство.


