Екипата на Тофаш, на чија клупа од оваа сезона е трофејниот македонски стручњак Емил Рајковиќ, со победа го почна турнирот Глорија куп што од 10 до 14 септември се одржува во Анталија.
Во својот прв меч, тимот од Бурса го совлада литванскиот шампион Жалгирис со 78-74 и најави дека е одлично подготвен за новата сезона. Жалгирис настапи без неколку кошаркари кои учествуваат на Европското првенство, но сепак во тимот беа Мозес Рајт, Најџел Вилијамс Гос, Игнас Браздеикис, Едгарас Улоановас итн., играчи од кои се очекува да бидат меѓу носителите на играта претстојната сезона.
Клучна за победата на Тофаш беше втората четвртина која ја доби со 28-17. Жалгирис ги доби следните два периоа, анулира голем дел од негативата, но не успеа да направи пресврт. Во рамките на турнирот, Тофаш утре ќе се сретне со Бахчешехир кој минатата сезона стигна до полуфиналето во Еврокупот, а во 2022 година го освои ФИБА Европа купот.
Рајковиќ, кој денеска го слави својот 47. роденден, има уште две недели од подготовките за новата сезона, а во првото коло од турското првенство, на 27 септември, ќе се сретне со актуелниот европски шампион Фенербахче.


