Македонскиот стручњак Емил Рајковиќ е една од главните теми денеска во турската кошарка откако синоќа со Тофаш го победи европскиот шампион Фенербахче, во првото коло од домашното првенство.
Тимот од Бурса дојде до победата со кош во последната секунда, практично со истекот на времето. Рајковиќ не го криеше своето воодушевување, прво бурно го прослави значајниот триумф, а потоа даде интересна прва изјава, непосредно по завршувањето на натпреварот.
„Мислам дека не е лошо. Оваа атмосфера заслужи ваков перформанс, им благодарам за поддршката на навивачите, а на играчите за борбата до самиот крај. Фенербахче е многу силен тим, но и ние одигравме фантастичен натпревар и среќен сум што со ваква игра успеавме да победиме“, рече Рајковиќ.
Идниот викенд Тофаш го очекува гостување кај Галатасарај, а веднаш потоа стартува Лигата на шампионите во која тимот од Бурса е во група со Трапани, Тенерифе и Бнеи Херцлија.


