Познатиот американски спортски аналитичар Стивен А. Смит предизвика вистинска бура во кошаркарската јавност со својата контроверзна изјава за шансите на Лос Анџелес Лејкерс да стигнат до шампионската титула во НБА лигата.
Иако Лејкерс имаат одличен почеток на сезоната и се меѓу најпријатните изненадувања, Смит смета дека тимот од Лос Анџелес нема доволно квалитет за да го освои шампионскиот прстен. Но, она што особено ги налути навивачите е неговото образложение за ваквата проценка. Аналитичарот тврди дека во модерната историја на НБА нема екипа која освоила титула со тројца бели кошаркари како главни носители на играта.
„Никогаш не сум видел НБА екипа чии тројца најдобри играчи се белци да ја освои шампионската титула. Тоа никогаш не се случило и ви велам дека нема да се случи ниту оваа сезона“, порача Смит.
Во фокусот на неговата изјава се Лука Дончиќ, Остин Ривс и Вокер Кеслер, тројцата кошаркари кои имаат значајна улога во одличните резултати на Лејкерс.
Смит не ја оспорува нивната индивидуална класа, но смета дека тоа нема да биде доволно за највисок дострел. Според него, Лејкерс се тим кој може да стигне до плејофот, па дури и да ја мине првата рунда, но потоа ќе наиде на противник кој ќе ги запре.
„Останувам на мојот став и немам намера да се извинам. Одиграни се 12 натпревари, но моето мислење за Лејкерс не е променето. Верувам дека можат да бидат конкурентни во плејофот, но не и да ја освојат титулата“, истакна американскиот аналитичар.
Неговите зборови предизвикаа бројни реакции на социјалните мрежи, каде дел од навивачите го критикуваа поради внесувањето на расната припадност во проценката за спортските квалитети на една екипа. Интересно е што Лејкерс имаат одлични бројки на почетокот од сезоната, а Дончиќ игра на исклучително високо ниво и е еден од главните кандидати за индивидуалните признанија. Дополнително, Остин Ривс и Кеслер покажуваат дека можат да бидат важни фактори во играта на тимот.


