Капитенот на репрезентацијата на Словенија, Клемен Препелиќ е бесен на поради третманот на кошаркарите и националниот тим од медиумите и навивачите во неговата земја.
Словенија без најголемите ѕвезди оствари две победи во февруарските квалификации за Европското првенство, но и покрај тоа главна тема во медиумите беше Лука Дончиќ. Тоа го изнервира Препелиќ кој истакна дека трпението кај голем дел од кошаркарите е при крај.
„Секогаш се истакнува дека го нема и зошто го нема. Лука, Лука и пак само Лука… Доста веќе. Свесни сме дека без Дончиќ немаме шанси за висок пласман, ама без овие 11-12 играчи кои се секогаш тука, Словенија не би се ни пласирала на големите натпреварувања. Заслужуваат малку повеќе почит од нашите навивачи. Секогаш велам дека имаме најдобри навивачи, ама мака ми е од постојано плукање на играчите. Многумина размислуваат повеќе да не играат за репрезентацијата. Сите тие се важни за одличните работи кои се случуваат во словенечката кошарка“, изјави Препелиќ.
Секако дека ова не значи дека односните меѓу него и Дончиќ се расипани, но кошаркарот на Галатасарај бара повеќе почит за останатите кои ги бранат националните бои.


