По четвртиот пораз во низа од Партизан и елиминацијата во полуфиналето на АБА лигата, атмосферата во Црвена Звезда е мрачна.
Во уште еден слаб натпревар за тимот предводен од Саша Обрадовиќ, крилниот центар Чима Монеке имаше неубедлив настап, а по натпреварот отворено проговори за проблемите во тимот. Нигериецот, кој помина 15 минути на теренот и постигна седум поени, не се двоумеше директно да одговори на прашањето за односот на тимот со тренерот. На прашањето дали тимот има добра врска со Саша Обрадовиќ, Монеке беше краток и јасен: Не, немаме! Тој прецизно го лоцираше моментот кога работите тргнаа надолу за Црвена Звезда.
„Сè се промени по паузата, по натпреварот против Олимпијакос, на 26 ноември. Некои велат дека пресвртницата беше натпреварот против Партизан кога пропуштивме водство од 16 поени, или можеби натпреварите против Баерн и Макаби. Според мене, сè започна пред тоа. Го изгубивме нашиот идентитет кога се вративме од таа пауза. Од натпреварот со Фенербахче до натпреварот со Олимпијакос, влегувавме во секој натпревар со чувство дека ќе победиме. После тоа, само се надевавме на победа. Нашиот напад беше ужасен, а нашата одбрана страдаше поради тоа“, рече Монеке.
И голем дел од навивачите на Црвена Звезда се согласуваат со неговото мислење и уште вчера, за време на натпреварот со Партизан побараа Обрадовиќ и управата да си заминат од клубот. Звезда оваа сезона го освои Купот на Србија, но далеку од тоа дека тој трофеј ќе ги покрие слабостите и ужасната кампања во која не беше остварена ниедна од целите.


