Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ ја потврди фантастичната форма и одигра симултанка во дуелот со најтрофејниот руски тим ЦСКА.
Шампионот Уникс славеше со 84-78, најмногу благодарение на нашиот кошаркар кој постигна 38 поени, што е негов личен рекорд во ВТБ лигата, од кои 19 во последната четвртина во која тимот од Казан направи пресврт и дојде до победата. На целиот меч, Димитријевиќ имаше само едно промашување од игра (8/8 за два, 4/5 за три) и едно од линијата за слободни фрлања (10/11), а натпреварот го заврши со индекс 48. Тоа е седми триумф по ред за Уникс кој со ова излезе осамен на првата позиција, додека ЦСКА го претрпе четвртиот пораз и потврди дека се наоѓа во лоша форма.
Димитријевиќ игра фантастично во 2024 година, како за својата екипа, така и за македонската репрезентација која ја однесе до триумф против Полска во квалификациите за Европското првентво.


